ШТО НАПРАВИВМЕ И ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ
Извештаи за сите
наши активности
поврзани со кампањата.
◄ Скопје, 4 јуни - Како да се напредува во информатичката технологија, а притоа да се зачува кириличното писмо и како да се усвои стандарден македонски тип на кирилица за компјутерски фонт и да се употребуваат оригинални графеми, наместо варијанти и преземања од бугарската или од руската азбука?
Дваесетина експерти - професори, информатичари, дизајнери, графичари денеска во Стопанската комора на Македонија дискутираа за овие прашања на трибината „Кирилицата и информатичката технологија“, втора во рамките на кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица, иницирана од Македонската информативна агенција - МИА и Маркетинг агенцијата „Идеја плус комуникации“.
Владата ќе биде партнер во наоѓањето решение, зашто развојот на информатичката и комуникациската технологија е нејзина стратешка цел. Министерот за информатичко општество Иво Ивановски рече дека ја поддржува иницијативата да се направат ракописни и печатни кодови соодветни на македонската азбука.
- Мора да го зачуваме нашето кирилично писмо. Тоа, покрај јазикот, е еден од приоритетите за зачувувување на македонскиот идентитет. Во светските фонтови дел од нашите букви не се онакви какви што се во нашата азбука. Затоа како Влада ќе направиме кодовите да се променат, а ако тоа не е можно, зашто тие се употребуваат низ целиот свет и скоро е невозможно да се изменат, ќе инвестираме во нови фонтови со цел да се зачува кириличното писмо, истакна министерот Ивановски.
Покрај големата акција „Компјутер за секое дете“ за реформирање на образованието во Македонија, Владата, како што посочи Ивановски, ќе се фокусира и на наоѓање начин и обезбедување средства за производство на компјутерски тастатури со македонско кирилично писмо, а ќе иницира и збогатување на речникот и замена на англиските термини за ИКТ на македонски јазик.
Ласко Џуровски од дизајн-студиото „Тотем“ и модератор на трибината рече дека проблем во компјутерската употреба се неколку карактери кои изгледаат поинаку од македонските кирилични. Нив тој ги презентираше на трибината. Се работи за некои карактери (т, д, г, ѓ, п, б...) кои имаат свои кодни броеви во UNICODE, но проблемот настанува кога се користи тип италик, односно искосени букви.
- Карактерот го има своето место, го има својот коден број, но поинаков е графичкиот изглед. Затоа што во користењето фонтови што содржат такви карактери приоритет имаат бугарските или руските карактери и тие секогаш се појавуваат први. Македонскиот карактер постои во фонтот, но по приоритет е зад нив. Би требало кога користиме македонска тастатура за текстови со македонска поддршка да го добиеме македонскиот карактер. Работиме на решение на тој проблем и затоа ја инициравме оваа трибина. Битно е да се промени односот на луѓето кон тие фонтови. Тој однос досега е рамнодушен, рече Џуровски. Нов фонт со правилна употреба на знаците може да се преземе од веб-страницата www.mojatakirilica.com.mk.
Илијанчо Гаговски од „Мајкрософт“ рече дека од пред десет години оваа компанија во своите производи вградува македонска поддршка и алатка за проверување на точното пишување, т.е. на правописот на македонски јазик. Гаговски посочи дека „Мајкрософт“ ќе продолжи да инвестира во тој процес, но проблемот го лоцира и на друго место.
- Од суштинско значење е колку ние кирилицата ќе ја употребуваме, особено сега со зголемената пенетрација на интернетот. Најдобро ќе ја заштитиме со продуцирање содржини на кирилица. Зашто ако ја нема, таа ќе биде во опасност, колку ние да ја сакаме. А за да се твори автентична содржина, мора да се води сметка и за заштитата на авторските права и интелектуалната сопственост, за авторите да бидат мотивирани, истакна Гаговски.
Темата на трибината беше разгледана и од други аспекти. Дискутираа Никола Костески од „Ѓурѓа“ (Употребата на фонтовите во издаваштвото), Бранко Цветковски од „Макавеј“ (Пишуваат ли македонските писатели на компјутер?), проф. д-р Људмил Спасов од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет (Зошто треба да постои македонската кирилица?), Мимоза Клековска (Морфологија на азбуката), Лазе Трипков од „Идеја плус комуникации“ (Типографија, дизајн и адвертајзинг), Александар Јордановски од Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура (Законско прецизирање на кирилицата во македонското закондавство), Кочо Фидановски (Грижата и значењето на кирилското писмо), Дамјан Георгиевски од Слободен софтвер Македонија (Решение на курзивните варијанти на фонтовите во UNICODE табелата).
Кампањата која се одвива под мотото „Го чувам своето - додека пишувам кирилица постојам!“ почна во април и ќе трае до 10 јуни. Првата трибина беше на тема „Кирилицата - од каде доаѓа и каде оди“ и се одржа на 22 мај. За славење на кирилицата, на 26 мај беше организиран хепенинг на плоштадот „Македонија“. Акцијата има силна поддршка од институции, бизнис-заедницата, уметничката јавност и од медиумите.
◄ Скопје, 3 јуни - Во рамки на кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица утре во Стопанската комора на Македонија ќе се одржи трибината „Кирилицата и информатичката технологија“. На трибината со свои излагања и дискусии ќе учествуваат 30-тина професори, експерти од областа на информатиката, автори, графичари и дизајнери. Ова е втора трибина во рамки на кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица. Првата трибина насловена „Кирилицата - од каде доаѓа и каде оди“ се одржа на 22 мај. Во рамки на проектот „Додека пишувам на кирилица, постојам!“ на плоштадот Македонија на 26 мај се одржа и голем хепенинг на пријателите на Кирилицата.
◄ Скопје, 26 мај - На плоштадот „Македонија“ во Скопје вечерва се одржува голем хепенинг на пријателите на Кирилицата. Настанот, кој е посветен на Денот на сесловенските просветители „Светите Кирил и Методиј“, е замислен да биде кулминација од кампањата „Го чувам своето! Додека пишувам на кирилица, постојам!“ која има за цел да ја подигне свесноста кај сите генерации за потребата од популаризација на македонската кирилица, нејзино зачувување, употреба и афирмација, но и да создаде голем број нејзини пријатели и поддржувачи.
Најмладите со помош на познатиот водител на детски емисии Ивце Пивце и со музика од „Златно славејче“ на посебни паноа ги пишуваа своите имиња и ја кажуваа азбуката, а на пунктови што ги постави Мајкрософт најмладите правеа сложувалки со логото на кампањата. Во посебен простор кој го постави ВИП операторот се прикажуваат епизоди од познатиот серијал „Бушава азбука“, а пред шаторот на ВИП, поставена е реплика на болидот на Мерцедес-мекларен. Поставени се и специјални паноа на кои посетителите преку соодветни пораки, графити и потписи ја изразуваат својата поддршка и почит кон нашето писмо.
Најмладите ќе ги забавува и Театарот за деца и младинци кој ќе ја изведе претставата „Македонска приказна“. Ќе настапат и детскиот хор „Златно Славејче“, како и хорот „Св. Злата Мегленска“, концертниот оркестар „Македонски рози“ со вокалот Андијана Јаневска, а специјален гостин ќе биде маестро Влатко Стефановски.
Кампањата со мотото „Го чувам своето - додека пишувам кирилица постојам!“, почна на 23 април и ќе трае до 10 јуни. Иницирана е од маркетинг агенцијата „Идеја плус комуникации“ и Македонската информативна агенција - МИА, а поддржана од научната и уметничката јавност, од институции, бизнис-заедницата и од медиумите.
Организаторите се задоволни од одѕивот на граѓаните кои дојдоа на плоштадот Македонија да дадат поддршка на нашето писмо.
- Она што е планирано тоа е и спроведено на терен. Ми се чини дека сите си ја работат работата најдобро што знаат. Гледам дека одѕивот е сè поголем. Најмладите се среќни и задоволни, убаво се забавуваат, а тоа ни беше најважно. Останува уште и возрасните да ги направиме среќни, а во тоа не се сомневам ни најмалку, вели Ана Јанковска од „Идеја плус комуникации“
Иако е создадена пред повеќе од десет века на овие простори, со прегорна работа на светите Кирил и Методиј, творците на словенската писменост, и со посветеноста на нивниот ученик свети Климент Охридски, кирилицата неправедно се подзаборава и во употребата го „губи чекорот“ со латиницата. Тоа е особено забележливо во новите глобални сфери - информатичките технологии, комуникациите и рекламирањето. Оттаму и поттикот за кампањата, што ќе опфати повеќе активности кои треба да ја подигнат свеста за правилна употреба на кирилицата. Целта е да се покаже дека кирилицата е убава, применлива, отмена, грациозна, прогресивна, читка и модерна и поради тоа да се употребува секаде каде што е можно.
◄ Скопје, 22 мај. Македонската кирилица е најсовршен графиски систем. Таа како писмо има извонреден, дури и совршен нацрт и облик, со симетричност и стилизација на буквите, постигнати во текот на нејзиниот историски развој. Треба да се преземат мерки за тој облик да се зачува, да се намали влијанието на латиницата, особено преку информатичките технологии со употреба на правилни кирилични фонтови и во трговијата со кирилична транскрипција на брендовите.
Ова се дел од тезите што ги изнесоа голем број присутни академици, професори од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет, професори од Филозофскиот факултет во Скопје, лингвисти и информатичари, на денешната трибина насловена „Кирилицата - од каде доаѓа и каде оди“, организирана во рамките на кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица.
Осврнувајќи се на развојот на кирилското писмо, професорот Димитар Пандев од Филолошкиот факултет посочи дека уште при создавањето на глаголицата Свети Кирил воспоставил симетрија на буквите, што подоцна е пренесено и во кирилското писмо. Тоа според него е поедноставена верзија на глаголицата или, како што истакна, гола глаголица.
За тоа дека кирилското писмо претрпело измени и тоа во насока на негово поедноставување и оптимално графиско прикажување на гласовниот говор, говореше деканот на Филолошкиот факултет Максим Каранфиловски. Според него, македонската кирилица не ги содржи таканаречените нефункционални гласови и двогласни знаци, кои се отфрлени, што пак ја прави посовршена од другите од аспект на функционалноста.
Внимание треба да се посвети и на нацртот на ракописно кирилско писмо, додаде тој, и посочи дека тоа треба да се направи преку таканаречниот красноспис, кој произлегол од калиграфијата. - Не треба во образовниот систем да се дозволи многу голема слобода во пишувањето на буквите од ова писмо, со цел така да се зачува неговата автентичност, рече Каранфиловски.
Професорот Иван Џепаровски на трибината се осврна на естетската вредност на кирилицата, потенцирајќи дека таа може да се бара и во субјективното гледање на оние кои ја восприемаат или користат чувствувајќи ја нејзината различност, но и во нејзината објективна вредност.
- Треба да си ги чуваме и обновиме нашите корени, но и интереси за она што го имаме, за она што потекнува одовде, како и да се обидеме на некој начин тоа да не го скамениме, да не го затвориме, туку да бидеме отворени пред предизвиците на новата цивилизација, додаде Џепаровски.
Професорот Људмил Спасов кампањата за зачувување на македонската кирилица, во чии рамки се одржа денешната исклучително успешна трибина, ја оцени како многу важна особено во процесот на македонските интеграции во Европската унија.
- Мошне е важно да се поставиме како културен идентитет различен од другите европски нации и да покажеме дека нашата кирилица треба да влезе во културното богатство на Европската унија. Во таа смисла важни се нацртите на буквите, но важно е и да се актуелизира фактот дека кирилицата е исклучитено современо писмо и сосема соодветствува на латиницата, истакна Спасов. Тој додаде дека алармантна закана по кирилското писмо нема, но сепак посочи дека треба да се реагира навремено, тоа да се зачува и да им се доближи на граѓаните особено преку воведување на македонските фонтови во информациските технологии и печатењето книги.
Кампањата, рече Спасов, ја афирмира македонската кирилица и нацртот на македонските букви, за да не се поистоветат во некои други кирилски букви. - Со добро водена јазична политика, треба да се воспостави кирилицата како писмо кое е одраз на националниот идентитет, рече Спасов.
Законската регулатива како можност за зачувување на кирилицата и македонскиот јазик беше тема на претставникот од Управата за заштита на културното наследство Александар Јордановски. Тој потенцираше дека јазикот како дел од духовното културно наследство е вграден во новиот закон за заштита на културно наследство, заедно со фолклорни добра и топоними.
- Овој начин на третирање на јазикот е нов национален модел на гледање. Тој се разликува од Законот за употреба на македонскиот јазик и го дополнува. Се уште нема инструменти за заштита на писмото, кое е влезено во националната класификација на културното наследство, додаде тој.
На трибината излагања имаа професор Михајло Георгиевски кој зборуваше за најстарите книжевни споменици на кирилицата и Лидија Тантуровска која се осврна на тоа дали кирилицата отстапува пред латиницата на јавните исписи и реклами. Душко Алексовски говореше за писмото како дел од карпестата уметност, а Ласко Џуроски од Судио Тотем.
Следната експертска трибина, на тема „Кирилицата и информатичката технологија“, ќе биде одржана на почетокот на јуни. На 26 мај е планиран голем отворен настан за славење на кирилицата.
Кампањата, со мото „Го чувам своето - додека пишувам кирилица - постојам!“, почна на 23 април и ќе трае до 10 јуни. Иницирана е од маркетинг агенцијата „Идеја плус комуникации“ и Македонската информативна агенција - МИА, а поддржана од научната и уметничката јавност, од институции, бизнис-заедницата и од медиумите.
Иако е создадена пред повеќе од десет века на овие простори, со прегорна работа на светите Кирил и Методиј, творците на словенската писменост, и со посветеноста на нивниот ученик свети Климент Охридски, кирилицата неправедно се подзаборава и во употребата го „губи чекорот“ со латиницата. Тоа е особено забележливо во новите глобални сфери - информатичките технологии, комуникациите и рекламирањето. Оттаму и поттикот за кампањата, што ќе опфати повеќе активности кои треба да ја подигнат свеста за правилна употреба на кирилицата. Целта е да се покаже дека кирилицата е убава, применлива, отмена, грациозна, прогресивна, читка и модерна и поради тоа да се употребува секаде каде што е можно.
◄ Скопје, 23 април. „Го чувам своето - додека пишувам на кирилица - постојам!“ Тоа е мотото под кое започна и ќе тече Кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица, иницирана од агенциите „Идеја Плус“ и „МИА“.
Акцијата за популаризација на вредноста и уникатноста на македонското писмо почна денеска со промоција во Младинскиот културен центар, токму на Светскиот ден на книгата и во 2008-ма, која УНЕСКО ја прогласи за Година на мајчиниот јазик, зашто на околу 200 јазици во светот, меѓу кои е и македонскиот, им се заканува исчезнување. Кампањата ќе трае до 10 јуни, а на официјалниот почеток беше благословена и од поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан. На денешната промоција присуствуваа многубројни гости – пријатели на кирилицата. Од денеска тече медиумскиот дел на кампањата, огласување и реклами во печатените и електронските медиуми. До 10 јуни, кога е предвидено да заврши кампањата ќе се одржат повеќе настани од јавен и научен карактер.
Иако е создадена пред повеќе од десет века на овие простори, со прегорна работа на светите Кирил и Методиј, творците на словенската писменост, и со посветеноста на нивниот ученик свети Климент Охридски, кирилицата неправедно како да се подзаборава и во употребата го „губи чекорот“ со латиницата. Тоа е особено забележливо во новите глобални сфери - информатичките технологии, комуникациите и рекламирањето. Оттаму и поттикот за кампањата, што ќе опфати повеќе активности кои треба да ја подигнат свеста за правилна употреба на кирилицата. Целта е да се покаже дека кирилицата е убава, применлива, отмена, грациозна, прогресивна, читка и модерна и поради тоа да се употребува секогаш и секаде каде што е можно.
Проектот предвидува експертски трибини „Од каде доаѓа и каде оди кирилицата“ и „Кирилицата и информатичката технологија“, телевизиски и радиоемисии, колумни во печатените медиуми. Подготвен е промотивен материјал - постери, билборди, огласи, рекламни производи, компакт-диск со песна од Влатко Стефановски, која тој ја пее со децата од детскиот хор „Златно славејче“, како и многубројни едукативни и забавни содржини. Во рамките на иницијативата на 26 мај е планиран и голем отворен настан на плоштадот „Македонија“ за славење на кририлицата. На крајот на кампањата (10 јуни) ќе бидат доделени наградите за трите првопласирани кирилични македонски фонтови од наградниот конкурс што се одвива во рамките на кампањата.
Иницијативата има силна и безрезервна поддршка од научната и уметничката јавност, од институции, бизнис-заедницата и од медиумите.
Фотографии од презнтацијата и почетокот на кампањата можете да погледнете на линкот Фото галерија.
◄ Идејата за една ваква кампања произлезе во почетокот на последната есен од тимот што подготви над 1000 емисии „Говорете македонски“ што се емитуваа на Првиот канал на МТВ во перодот 1999-2002 година.
Проектот на Кампањата се создаваше во периодот декември 2007 – февруари 2008 година. Продукцијата и постпродукцијата (дизајн и изработка на промотивни средства и рекламни материјали) ја изврши тимот на „Идеја Плус“ и нивните партнери во текот на март.
Композиторот Влатко Стефановски се приклучи кон кампањата со изработка на песна за кирилицата, со членовите на детскиот хор „Златно славејче“, за која е подготвено и видео издание, за што организаторите на кампањата му оддаваат јавна благодарност. За одбележување е посебниот ангажман и вклучувањето во кампањата на графичкото студио „Тотем“, агенцијата „Имиџ ПР“ и продукцијата „Џангл“.
Организаторите на кампањата (Идеја Плус и МИА) изразуваат јавна благодарност и до сите медиуми - пријатели на кирилицата кои се согласија да бидат медиумски партнери во кампањата. Им благодариме и на компаниите и нивните раководители кои на некој начин ја поддржаа кампањата.
◄ Во функција на последна проверка на кампањата, на 15 април се одржа нејзина презентација пред истакнати личности од научниот и уметничкиот живот на Македонија. Презентацијата ја проследија професорите од Филолошкиот факултет во Скопје д-р Људмил Спасов, д-р Димитар Пандев, д-р Томислав Треневски, д-р Славица Велева, како и режисерот Слободан Унковски, композиторот Влатко Стефановски, писателите Данило Коцевски и Гоце Смилевски и други. Без исклучок кампањата беше високо оценета и поздравена и сите ветија дека ќе чекорат заедно со нас во натамошниот тек на кампањата.
Фотографии од презентацијата можете да погледнете на линкот фото галерија.
◄ Почетокот на Кампањата ќе биде со голема промоција што ќе се одржи во среда, на 23 април, во 11 часот во салата на Младинскиот културен центар во Скопје. На овој настан очекуваме да присуствуваат и да ни се придружат во натамошниот дел од Кампањата над 200 пријатели на кирилицата, истакнати личности од јавниот, научниот и уметничкиот живот на нашата земја. Кампањата ќе биде благословена од Неговото блажество Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Стефан.
◄ Во тек е конкурсот за изработка на нови и оригинални фонтови со знаците од македонската азбука кои ќе можат да се користат на компјутер со македонска кодна поддршка во форматите TTF или OTF. Организаторите на кампањата ќе ги откупат со парични награди трите првопласирани фонтови (избрани од стручна жири комисија) и преку веб страницата на кампањата ќе им ги подарат на сите што сакаат правилно да пишуваат на компјутер, користејќи ја македонската азбука.
Сите оние што се заинтересирани да учествуваат на конкурсот, подетални објаснувања и информации можат да најдат (на оваа страница) на линкот „Конкурс за нови фонтови“.