ВО ПОЧЕТОКОТ БЕШЕ СЛОВОТО

Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото.

Тоа во почетокот беше во Бога. Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето. И светлината во темнина свети и мракот не ја опфати.
(Од Евангелието по Светиот Апостол Јован 1:1, 1:14)

На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
(Од Уставот на Република Македонија. Член 7, Амандман V)


ПИСМОТО

Писмото е запишување на јазикот.

Тоа е средство за просторна и временска комуникација. Писмото е припадност кон колективниот идентитет и индивидуалното определување. Вредноста на писмото се мери со систем на знаци, кои претставуваат елементи на говорниот јазик. А нашиот јазик – македонскиот, е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевно-јазички традиции. И се пишува со кирилица.

Кирилицата е едно од најстарите и најубавите писма.

Јазикот го зачувавме. Да ја зачуваме и кирилицата.

Зашто јазик без писмо - нема.

А писмото најдобро со употреба се чува.


МАКЕДОНСКИ СЕ ПИШУВА СО КИРИЛИЦА

Иако е создадена пред повеќе од 10 векa, токму тука на нашиве простори, во земјата на древни цивилизации, со прегорната работа на светите Кирил и Методиј и со посветеноста на Епископот Охридски Свети Климент, како и многубројните ученици и мисионери, кои нивното дело го продолжиле, се чини дека во временското и просторното траење, кирилицата по малку неправедно како да се подзaборава. Поточно, сета нејзина убавина, инспиративност и сликовност, со сè поретката употреба, како да потклекнува.


КИРИЛИЦАТА Е УБАВА

Еднакво е убава, испишана со мајсторската рака врз пергаментот по кој се лизга перото или со техниките на новите мајстори, сместени на компјутерските тастатури. Со спојување и комбинирање на 31 буква од нашата азбука, можат да се изразат сите зборови на овој свет. Само со зачувување и со користење на кирилицата, може да се изрази сета нејзина убавина, но и да се зачуваат колективниот идентитет и индивидуалното определување на секој од нас. И затоа: додека пишуваме на кирилица – постоиме. Сè додека ја користиме кирилицата, сето она што е најблагородно и највредно во нашето колективно и индивидуално битие ќе биде зачувано. Зачувано од заборав и вредно за траење. А постои само она што трае.


КИРИЛИЦАТА ПОСТОИ И ЌЕ ТРАЕ

И затоа своето име пишувај го со кирилица... или името на својата земја... или името на својата мајка... на својата љубов... или имињата на своите желби и тајни. Обиди се да замислиш голема светлечка реклама испишана со кирилица како се „смешка“ преплавена со светлоста на новиот ден и новото доба...Обиди се да погледнеш на ѕидовите во улицата на твоето детство и ќе видиш убава, чиста и читка табла, испишана со убава, чиста и читка кирилица. Сети се на својата прва љубов, на првиот изговорен збор, на својата прва напишана буква, на своето прво писмо, на првата прочитана или напишана книга... и ќе видиш дека сè е поврзано со твоето прво писмо.

Богатството е во разновидноста. А кирилицата нуди толку многу разнолики можности за примена и за унапредување.

Настојувај да ги откриваш сите нејзини волшепства и да бидеш уверен дека во рацете држиш силно и моќно оружје на модерното доба, кое го надахнува нашето постоење.

И сè додека пишуваме на кирилица, ќе постоиме!


АКТУЕЛНО

► (23 април) Со деншната промоција во Младинскиот културен центар во Скопје и официјално започна нашата Кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица повеќе >>>

► Големото отворање/започнување на Кампањата „Го чувам своето“ ќе се случи во среда на 23 април (2008 год.) во Младинскиот културен центар во Скопје. Почетокот е во 11 часот. Добредојдени се сите пријатели на кирилицата.   повеќе >>>

► Во тек е Награден конкурс за изработка на нови верзии на кирилични фонтови со правилно поставување на знаците од македонската азбука.   повеќе >>>

► Во вторникот на 15 март се одржа презентација на проектот за кампањата пред дел од научната и уметничката јавност. Настанот се одржа во една од салите на Стопанската комора на Македонија која е пријател на кирилицата. Фотографии од овој настан можете да погледнете на линкот Фотогалерија.   повеќе >>>